Aysu Biçer
16 Август 2020•Ажурирај: 17 Август 2020
БЕЈРУТ
Невладините организации со бројни волонтери неуморно им помагаат на жителите и работат на санирање на последиците од разорната експлозија која неодамна се случи во пристаништето во Бејрут, јавува Агенција Анадолија (АА).
Најмалку 200 луѓе загинаа, околу 6.000 лица се повредени, а 300.000 луѓе останаа без кров над глава откако на 4 август дојде до разорна експлозија во пристанишното складиште во кое беа близу 3.000 тони амониум нитрат.
Експлозијата во главниот град на Либан се случи во екот на длабоката политичка криза и растечкиот гнев на јавноста наспроти владејачките структури.
Невладините организации, моментално четири, ги здружија силите за да му помогнат на Бејрут, со една цел, спасување човечки животи.
Илјадници волонтери се ангажирани на дистрибуција на храна, питка вода и медицинска опрема за загрозените категории на населението на Бејрут.
„Не се грижиме за штетата на зградите, туку за штетата која им е нанесена на луѓето"; рече Сара Аби Канан, позната актерка од Бејрут.
Таа им се придружи на сограѓаните кои по стравичната експлозија излегоа на улиците за да им помогнат на граѓаните.
„Волонтерите соработуваат со локалните служби и заедници и моментално ја спроведуваат спасувачката мисија. Нашата единствена надеж е да бидеме и да останеме заедно", рече Аби Канан и додаде дека народот на Либан претрпел огромна траума, но дека е време да се покаже силата и отпорот.
Мервад Атаси недолго по експлозијата воспоставила иницијатива на медицинари кои ги лекуваат повредените жители на Бејрут.
Потсетувајќи дека складиштето на една зграда е претворено во болница во која се лекуваат повредените, Атаси рече дека солидарноста на граѓаните на Либан е единствена работа која моментално им влева надеж.
„Почнавме со 10 волонтери, а сега сме повеќе од 50. Никогаш немавме ниту план да зависиме од државата, туку ќе продолжиме самостојно да ги лечиме сопствените рани", рече Атаси.
Мухамед Ал-Елани, инжинер волонтер кој ги проценува зградите оштетени од експлозијата, за Агенција Анадолија (АА) рече дека даваат се од себе градот повторно да се покрене за добробит на граѓаните.
„Ја проверуваме состојбата на зградите, посебно на историските и верските објекти во кои се собира голем број луѓе. Прозорците се уништени речиси на секоја зграда" рече Ал-Елани.
На влезот во квартот Мар Микаел волонтерите поставија шатор во кој на повредените им пружаат основна медицинска помош.
Волонтерката Линда рече дека илјадници луѓе добиле длабоки рани од остри предмети кои летале по разорната експлозија и дека е важно правовремено да се санираат тие повреди за да не дојде до инфекција.
Истакнувајќи дека локалните болници бргу биле преплавени со повредените луѓе на кои им требала итна помош, Линда рече дека медицинарите волонтери дошле да помогнат и ги санирале полесните повреди во шаторите и на улиците.
„Многу сум среќна што во овој шатор не се говори за политика. Луѓето се единственото што е важно тука. Либанците си помагаат едни на други. Не го знам презимето на ниту еден од нив, туку ги знам само нивните имиња и така сакав да биде кога го организирав шаротот", рече Линда.
Невладините организации одговорија на задачата по разорната експлозија во Бејрут и за многу нешта се покажаа поефикасни од владата и нејзините институции.
Цивилното општество во Либан работи на изградба на поинаква држава во која ќе има повеќе слога, правда, можности и социјална интеракција.