Moustafa Maged Haboosh,İdris Okuducu
25 Јануари 2019•Ажурирај: 26 Јануари 2019
ГАЗА (AA) - Мустафа Хабус -
Недостатокот од гориво во Појасот Газа и понатаму претставува голема закана за жителите на тоа подрачје. Кризата со горивото создава сериозни последици во Појасот Газа, кој е под израелска блокада, јавува Anadolu Agency (AA).
На тој начин доведени се во прашање животите на луѓето кои живеат на тоа подрачје, првенствено на децата на кои им е потребна медицинска помош.
Детската болница „Абдулазиз ер-Рантиси“ во Газа, како и другите државни болници, се снабдува со електрична енергија од генератор. Меѓутоа, горивото потребно за работа на генераторот не може да се достави во Газа.
Обединетите нации (ОН) во ноември минатата година соопштија дека е завршено снабдувањето на генераторите со гориво. Потоа започна редукција во траење од осум до 16 часа дневно.
Од Министерството за здравство на Палестина предупредија дека доколку во најкраток рок не се реши кризата со гориво, неколку болници во Газа би можеле да се најдат пред затворање.
Десетици деца и нивните роднини, што се наоѓаат во болниците во Газа, се во голем страв поради кризата со гориво.
Посебна загриженост владее за пациентите кои боледуваат од карцином или се на дијализа.
Загрижена е и мајката Хаџер Сад (38) чие дете се лекува во болница. Според нејзините зборови, загрижени се само поради најавата за затворање на болницата доколку биде продолжена кризата со гориво.
Сад сака да се реши оваа криза и да се спасат децата кои се хоспитализирани. Повика да се спасат животите на илјадници деца кои се наоѓаат во болниците во Газа.
Мухамед Еу Силмије, директорот на болницата „Абдулазиз ер Рантиси“, појасни дека со недостатокот на гориво е продолжена кризата и со електричната енергија.
Потврди дека доколку продолжи ваквата состојба, во прашање ќе бидат доведени животите на илјадници пациенти, претежно деца.
„Имаме 30.000 деца, кои се регистирани и се лекуваат кај нас во болница. Од таа бројка, 7.000 се болни од карцином. Имаме 100 хоспитализирани пациенти и четири пациенти на интензивна нега. Доколку болницата не биде во можност да работи, ќе бидат доведени во прашање животите на овие пациенти“, порача Силмије.
Израел минатата година го затвори преминот „Керем Шалом“, единствениот комерцијален пристап во Газа, како казнена мерка поради лансирањето на запаливи балони на палестинските активисти од приморската енклава на територијата на Израел, забранувајќи ги сите испорачувања, освен на храна и лекови.
Обединетите нации од минатата година предупредија дека треба веднаш најмалку 60.000 литри гориво за итни случаи да се испорача за 46 критични објекти низ Газа, за да се обезбеди основното функционирање на главните болници и основните услуги за вода и санитарии.
Во Појасот Газа, во кој живеат речиси два милиони жители, има 13 државни болници и 54 здравствени центри.
Појасот Газа, кој е под константна опасада на Израел, се соочува со голем недостаток на струја уште од 2006 година.