Melike Pala
01 Јули 2026•Ажурирано: 01 Јули 2026
Повеќе лица го загубија животот, а неколку се сериозно повредени во голем пожар што избувна во 10-катна станбена зграда во белгискиот град Антверпен, објави националниот јавен сервис ВРТ, пренесува Анадолу.
Пожарот избувна кратко пред 10 часот по локално време во станбена зграда во населбата Линкеровер.
Полицијата потврди дека има повеќе смртни случаи, иако точниот број жртви сè уште не е утврден бидејќи спасувачките екипи продолжуваат со пребарувањето на објектот.
„Има неколку сериозно повредени и неколку полесно повредени лица. За жал, има и повеќе смртни случаи, но во овој момент не можеме да кажеме колку точно. Приоритет сега е пребарувањето на зградата и пружањето медицинска помош“, изјави портпаролката на полицијата, Ким Бастијанс.
Во станбениот комплекс живеат повеќе од 200 луѓе, а евакуацијата беше во тек со часови по избувнувањето на пожарот.
Во операцијата за пребарување и спасување е вклучен и тим со беспилотно летало на противпожарната служба на Антверпен. Во гасењето и спасувањето помагаат и екипи од соседните противпожарни зони.
Противпожарните екипи продолжуваат со преглед на целата зграда за да утврдат дали има други жители кои останале заробени внатре и да ги евакуираат на безбедно.
Активиран е медицински план за интервенција со цел координирање на итната медицинска помош, додека евакуираните жители на кои не им беше потребна помош се сместени во објекти во близина.
Властите издадоа предупредување со кое ги повикуваат жителите во близина на пожарот да ги држат прозорците и вратите затворени и да ја избегнуваат околината на местото на инцидентот.
Причината за пожарот сè уште не е утврдена.