Ekipa
17 Април 2016•Ажурирај: 18 Април 2016
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави денес дека неговата земја нема никогаш да се повлече од Голанската висорамнина и дека стратешкото плато на границата со Сирија засекогаш ќе остане во рацете на Израелците, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во текот на церемонискиот состанок на неговиот Кабинет на Голан, по повод на одбележувањето на годишнината од формирањето на актуелната израелска влада, Нетанјаху изрази сомневање дека Сирија некогаш ќе стане она што некогаш беше, пред разорната војна, која влезе во својата шеста година. Како што рече, не би се противел на дипломатските напори за решавање на кризата, сè додека не преставуваат закана за безбедноста на Израел.
„Избрав да ја одржам оваа свечена седница на Кабинетот на Голан со цел да испратам една јасна порака: Голанската висорамнина засекогаш ќе остане во рацете на Израелците. Време е, по 50 години, меѓународната заедница конечно да признае дека Голан засекогаш ќе остане под суверенитет на Израел”, изјави Нетанјаху.
Голанската висорамнина со својот југозападен дел ѝ припаѓа на Сирија, додека североисточниот дел е под конторла на Израел. Во текот на војната во 1967 година, северниот дел потпадна под израелска окупација, но Сирија повторно го зазеде во 1973 година, во Арапско-израелската војна.
Израел, пак, во 1981 година анектираше одредени делови од окупираната Голанска висорамнина, но тој потег меѓунарподната заедница никогаш не го призна. Потоа е воспоставена тампон зона во надлежност на набљудувачката мисија на УНДОФ, на границата помеѓу Сирија и Израел.