Adam Abu-bashal
17 Октомври 2022•Ажурирај: 18 Октомври 2022
АБУЏА (АА) - Бројот на загинати во поплавите предизвикани од поројните дождови од мај досега во Нигерија се зголеми на 603, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерката за хуманитарни работи, управување со катастрофи и социјален развој на Нигерија, Хаџија Садија Умат Фарук, одржа прес-конференција во врска со последната состојба околу поплавите во земјата.
Фарук информира дека бројот на загинати во поплавите предизвикани од поројните дождови што ја зафатија земјата од мај, порасна на 603, додека 2.407 лица биле повредени.
Таа рече дека 2.504.095 лица биле погодени од поплавите низ земјата, додека 1.302.589 лица биле раселени и 121.318 куќи се делумно оштетени.
„82.053 куќи се целосно уништени. Во Нигерија 108.392 хектари земјоделско земјиште е делумно оштетено, додека 332.327 хектари земјиште е целосно уништено“, нагласи Фарук.
Според неа, метеоролошките заводи упатиле предупредување дека сојузните држави Анамбра, Делта, Крос Ривер, Риверс и Бајелса до крајот на ноември се наоѓаат под ризик од поплави.
Експертите за климатски промени и животна средија предупредија дека 53 милиони лица во земјата се соочени со опасност од поплави.