İlayda Çakırtekin
26 Февруари 2026•Ажурирај: 27 Февруари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Сè повеќе деца и млади лица од Норвешка изразуваат желба да го намалат времето поминато на социјалните мрежи, покажуваат најновите истражувања, пренесува Анадолу.
Новиот извештај на Норвешката управа за медиуми открива дека 38 проценти од анкетираните деца и млади изјавиле дека поминуваат премногу време на социјалните мрежи, додека 30 проценти изразиле желба почесто да се одјават од нив, пренесува јавниот сервис НРК.
Анкетата, спроведена врз 1.750 млади лица на возраст од 9 до 18 години, покажува дека има благ пораст кај оние кои се загрижени за сопственото користење на социјалните мрежи во споредба со последното истражување спроведено во 2024 година.
Додека Норвешката медиумска управа настојува да утврди зошто функциите и дизајнот на апликациите го отежнуваат или оневозможуваат одјавувањето, истражувачот Хенрик Хауг Сетра изјави дека големите социјални мрежи ангажираат експерти чија задача е да го максимизираат ангажманот на корисниците.
„Тоа се нарекува, меѓу другото, ‘дизајн што предизвикува зависност’,“ изјави Камила Штајнес, истражувач на ОслоМет, за јавниот сервис НРК.
Таа објасни дека и самата тешко се одјавува, додавајќи дека кратките забавни видеа создаваат чувство на заедништво и припадност, истовремено задржувајќи ги корисниците ангажирани и со чувство дека се во тек со случувањата.
„Ако се одјавите, стравот дека ќе пропуштите нешто се зголемува. Тоа го прави тешко оставањето на телефонот настрана“, додаде Штајнес.
Извештајот исто така наведува дека 28 отсто од испитаниците се согласуваат дека социјалните мрежи ги спречуваат да добијат доволно сон.