Mohammad Farid Mahmoud Abdullah
15 Септември 2021•Ажурирај: 16 Септември 2021
АНКАРА (АА) - Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се надеваат на економска соработка со Израел од над билион долари во следната деценија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Имаме билатерална трговска размена од 600 до 700 милиони долари, фондови од милијарди долари објавени заеднички меѓу двете земји, се движиме кон толку многу области на економски можности“, рече министерот за економија на ОАЕ, Абдула бин Тук на онлајн конференцијата одржана од страна на Американскиот атлантски совет со седиште во Вашингтон.
Тој рече дека целта е „да се создаде над 1 билион долари економска активност во текот на следната деценија“.
Објавата дојде во момент кога заливската држава и Израел ја одбележуваат првата годишнина од нормализирањето на односите минатата година.
На Обединетите Арапски Емирати им се придружија уште три арапски држави - Бахреин, Мароко и Судан - во контроверзното нормализирање на односите со Израел, во она што стана познато како Абрахамски спогодби.
Палестинците рекоа дека потезите се „забивање нож во грбот“, бидејќи го предале палестинскиот народ.
Бин Тук додаде дека од нормализирањето на односите меѓу ОАЕ и Израел потпишани се над 60 меморандуми за разбирање.
Тој ги поздрави Абрахамските спогодби за обезбедување платформа за постигнување исклучителни и брзи постигнувања во зајакнувањето на економската активност меѓу ОАЕ и Израел.