Muhammet Nazım Taşcı
29 Ноември 2020•Ажурирај: 30 Ноември 2020
ИСЛАМАБАД
На 47 состанок на Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на Организацијата за исламска соработка (ОИС) во Ниамеј, главниот град на Нигер, усвоена е заедничка декларација со која од Индија е побарано да запре со давањето на „автохтон сертификат" на оние кои не се од регионот на Џаму и Кашмир, и избегнува чекори кои би можеле да влијаат на демографската структура на спорниот регион, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во одлуката се отфрлени илегалните и едностраните акции на Индија во врска со регионот Џаму и Кашмир, кој меѓународната заедница го препознава како контроверзен регион и осудени се кршењата на човековите права во тој регион.
Укажано е дека Индија го крши и занемарува меѓународното право и одлуките и повикана е меѓународната заедница да ги преиспита своите односи со таа земја.
Истакнато е дека прашањето на Кашмир е исклучително важно за муслиманскиот свет, како и дека решението на тоа прашање е неопходно за мирот во јужна Азија.
Со Декларацијата Индија е повикана да се придружува до своите меѓународни обврски поврзани со човековите права и да му овозможи на специјалниот претставник и истажувачката мисија на ОИС да го посетат Џаму и Кашмир.
Во декларацијата, во која е повторена поддршката на ОИС за прашањето на Кашмир, нагласено е дека за спорот во регионот повеќе ќе се расправа на 48. состанок на Советот на министри за надворешни работиво Исламабад 2021 година.
Во Декларацијата е повторен начелниот став на ОИС кон мирно решавање на прашањето на Џаму и Кашмир во согласност со резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.
- Проблемот во Кашмир -
Кризата во Кашмир датира уште од 1947 година, кога Велика Британија го напушти тоа подрачје без да го реши статусот на регионот. Муслиманите сочинуваат 90 отсто од популацијата на Кашмир, а по повлекувањето на Британците побараа тој регион да се припои кон Пакистан. Тогашниот гувернер сепак, одлучи Кашмир да го припои кон Индија. Од добивањето независност од Британија во 1947 година, Џаму и Кашмир имаше привилегиран статус со кој можеше да донесува сопствени закони.
Пакистан и Индија во 1947 година влегоа во првата војна за Кашмир, а потоа повторно војуваа во 1965 и 1999 година.
Индија контролира околу 45 отсто од Кашмир, Пакистан околу 35 отсто, додека Кина 20 отсто. Индискиот дел е наречен Џаму и Кашмир и денес е единствената доминантно муслиманска сојузна територија во Индија.
Со одлуките на Советот за безбедност на ОН, донесени од 1948 година досега, се предвидува демилитаризација на Кашмир, а неговата иднина да се утврди со референдум.
Додека Индија искажува став против референдум, Пакистан е за спроведување на резолуциите на ОН.
Индиските власти на 5 август 2019 година го укинаа специјалниот статус на регионот Џаму и Кашмир, отповикувајќи го членот 370.