Muhammet İkbal Arslan
24 Октомври 2025•Ажурирај: 25 Октомври 2025
- Мухамет ИКБАЛ АРСЛАН
Посочувајќи дека политиката за населување и акциите за анексија на Израел во окупираниот Западен Брег го кршат меѓународното право, Џереми Лоренс, портпаролот на високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, истакна: „Израел мора да ги евакуира сите доселеници од Западниот Брег, да го запре присилното преместување на палестинското население и да ги спречи и казни нападите од страна на безбедносните сили и доселениците“, известува Анадолу.
На прашањето на новинарот на Агенција Анадолу (АА): „Израелскиот Парламент ја одобри анексијата на нелегалните еврејски населби изградени врз одземеното палестинско земјиште на окупираниот Западен Брег. Каква е вашата реакција на ова? Дали овие израелски чекори не го загрозуваат потенцијалниот мировен договор?“, Лоренс одговори:
„Политиката на Израел за населување на Западниот Брег, неговите акции за анексија и поврзаните дискриминаторски закони и мерки, како што е потврдено од Меѓународниот суд на правдата (МСП), се спротивни на меѓународното право и го кршат правото на самоопределување на Палестинците“. Лоренс рече и дека Израел мора веднаш и целосно да ги запре сите активности за населување на тие простори и додаде:
„Израел мора да ги евакуира сите доселеници (од Западниот Брег), да го запре присилното преместување на палестинското население и да ги спречи и казни нападите од страна на безбедносните сили и доселениците“.
Лоренс рече дека во моментов Газа е во критична пресвртница и од витално значење е да се обезбеди дека прекинот на огнот ќе доведе до траен мир и безбедност за Израел и сите што живеат на окупираните палестински територии, нагласувајќи ја потребата да се признае правото на самоопределување на Палестинците.
„Ја повторуваме важноста на сеопфатните и значајни политички процеси што ќе доведат до решение за две држави“, рече Лоренс.
- Одлуката на Израел за анексија на Западниот Брег
Во израелскиот Парламент на 22 октомври беше прифатен предлог-законот за анексија на нелегалните еврејски населби изградени врз одземено палестинско земјиште на окупираниот Западен Брег.
Во интервју за списанието „Тајм“, американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека доколку Израел го анектира окупираниот Западен Брег, ќе ја изгуби целата поддршка од САД.
Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, рече дека усвојувањето на законот за анексија на Западниот Брег преку прелиминарно гласање во Парламентот додека тој беше во Израел е навредливо и „глупаво“. Венс изјави дека политиката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп е против анексија.