Addis Getachew Tadesse
26 Септември 2018•Ажурирај: 27 Септември 2018
АДИС АБЕБА (АА) - Светската економија останува на нестабилно тло една деценија по финансиската криза во 2008 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Извештајот од Конференцијата на ОН за трговија и развој (УНКТАД) „Извештај за трговија и развој 2018: Моќта, платформите и илузијата во слободната трговија“, беше објавен во главниот град на Етиопија, Адис Абеба.
Во Извештајот се вели дека трговските војни помеѓу глобалните сили (САД и Кина) се само симптом на голема слабост.
„Додека глобалната економија се издигна од почетокот на 2017 година, нејзиниот раст остана спазматичен и многу земји работат под потенцијалот“, се истакнува во Извештајот, во кој се додава и дека оваа година малку е веројатно да се видат одредени промени.
Во Извештајот се анализирани моменталниот економски тренд и главните меѓународни политики, и се даваат предлози за нивно решавање.
Според Извештајот, трговијата под услови на хиперглобализација не успеа да поттикне опсежни структурни промени во земјите во развој и придонесе за зголемување на нееднаквоста во светот.
Во Извештајот се споменува Кина, како земја која се издвојува во трговските достигнувања, со оглед на тоа што продолжува да се истакнува во употребата на дигитализацијата во производството.
„Дури и Кина се истакнува помеѓу земјите членки на БРИКС“, се наведува во Извештајот.
„Со исклучок на Кина, уделот на Руската Федерација, Индија, Бразил и Јужна Африка во глобалното производство, од 3,7 отсто во 1990 година, се зголеми на околу 7,4 отсто во 2016 година, што претставува зголемување, но не спектакуларно.“
„За споредба, кога ќе се додаде Кина, уделот на земјите од БРИКС се зголемува од 5,4 на 22,2 отсто за време на овој период“, се додава.
При презентацијата на Извештајот, Рашми Банга, висока претставничка за економски прашања во УНКТАД, истакна дека Африка треба многу да реализира за да влезе во светот на дигитализацијата.
Банга нагласи дека од 25-те најголеми технолошки компании, 14 се наоѓаат во САД, три се во Европа, три во Кина, четири во Азија и само една во Африка.