Betül Yürük
11 Март 2022•Ажурирај: 14 Март 2022
ЊУЈОРК (АА) - Обединетите нации (ОН) предупредија дека поради руската окупација, хуманитарната ситуација во Украина „се влошува со алармантна брзина“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дужарик на дневниот брифинг за медиумите рече дека 1,9 милиони луѓе се внатрешно раселени од почетокот на војната во Украина на 24 февруари и се упатуваат кон запад кон градот Лавов.
Наведувајќи дека 2,3 милиони луѓе ја напуштиле земјата, Дужарик рече дека 1 милион од нив се деца.
Тој нагласи дека хуманитарната ситуација „се влошува со алармантна брзина“ и ја истакна потребата од безбедни коридори за да може да се испорача хуманитарна помош.
Истакнувајќи дека од 1,7 милијарди долари потребни за помош на украинските бегалци собрани се само 109 милиони долари, Дужарик рече дека потребни се 1,1 милијарда долари за помош на внатрешнораселените.
- Украина позната како „кошница за леб“ на Европа -
Тој потсети дека Украина е значајна земја во глобалниот извоз на жито и дека земјоделците во наредните недели треба да ја подготват почвата за да почнат да садат пченица, јачмен, пченка и сончоглед, нагласувајќи дека треба да се направат сите напори за да се спречи војната да влијае на процесот на садење.
Украина, која е важен производител на пченица и позната како „кошница за леб“ на Европа, е петти најголем извозник на пченица во светот.