Betül Yürük
18 Јули 2020•Ажурирај: 19 Јули 2020
ЊУЈОРК (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, истакна дека светот се соочува со најголемата глобална економска криза од Втората светска војна и најголемиот пад на приходите од 1870 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на меморијалната церемонија за поранешниот јужноафрикански лидер, Нелсон Мандела, Гутереш наведе дека микроскопскиот вирус всушност открил колку е кревок светот и колку се несоодветни здравствени системи и структурните нееднаквости што со години се игнорираат.
„Епидемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19) ги откри лагите и грешките низ целиот свет. И покрај тоа што сите сме над водата, некои се на супер јахти, а некои се држат на остатоците од бродот што тоне“, рече Гутереш.
Гутереш исто така нагласи дека половина од богатството на глобалното население се наоѓа кај 26-те најбогати луѓе во светот.
„Се соочивме со најголемата глобална економска криза од Втората светска војна и најголемиот пад на приходите од 1870 година. Уште 100 милиони луѓе може да бидат одвлечени во екстремна сиромаштија, а недостигот на храна може да достигне историски размери“, рече Гутереш.
Посочувајќи дека колонијализмот продолжува и во меѓународните организации, како што е Советот за безбедност на ОН, Гутереш истакна дека проблемите можат да бидат решени откако ќе започнат реформите во овие глобални организации.