Dejan Maksimoviç
03 Јули 2018•Ажурирај: 03 Јули 2018
ХАГ (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, го именуваше судијата Теодор Мерон за нов мандат во својство на претседател на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, почнувајќи од 1 јули 2018 година, а кој истекува на 18 јануари 2019 година. Судијата Кармел Агиус е именуван за претседател на Механизмот со мандат од 19 јануари 2019 до 30 јуни 2020 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Генералниот секретар на ОН, исто така, повторно именуваше 23 од 24 судии на Механизамот кои бараа повторно именување за нов, двегодишен мандат, кој започнува од 1 јули 2018 година, а истекува на 30 јуни 2020 година“, наведуваат од ОН.
Од март 2001 година, кога беше избран за судија на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКТЈ), претседателот Мерон беше судија на Жалбениот совет и Меѓународниот кривичен суд за Руанда (МКСР) и MKСJ до затворањето на двата меѓународни суда во декември 2015 година, односно 2017 година. Исто така, тој во четири мандати ја извршуваше функцијата претседател на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, а во двата претходни мандати беше претседател на Механизмот.
Судијата Агиус е судија на Механизмот од неговото основање во 2012 година. Тој, исто така, беше судија на Претресниот совет на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (MKСЈ) од 2001 година и судија на Жалбениот совет и MKСР и MKСЈ од 2010 година до затворањето на овие меѓународни судови.
„Агиус беше потпретседател на МКСЈ од ноември 2011 до ноември 2015 година и претседател на MKСJ од ноември 2015 година до неговото затворање во декември 2017 година“, заклучуваат ОН.