Ekipa
09 Мај 2022•Ажурирај: 10 Мај 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Хуманитарниот координатор на Обединетите нации (ОН) за Украина изјави дека новата рунда евакуации на цивили од челичарницата „Азовстал“ и другите области во Мариупол завршила со пристигнување на повеќе од 170 луѓе во Запорожје, јавува Агенција Анадолија (АА).
Последните пристигнувања го сочинуваат вкупниот број на луѓе кои безбедно го напуштиле опколениот град на над 600 во изминатите 10 дена, рече Оснат Лубрани.
„Денеска е успешно завршена уште една рунда евакуации на цивили од челичарницата „Азовстал“ и другите области околу Мариупол“, рече таа.
Меѓутоа, Лубрани предупреди дека голем број луѓе остануваат блокирани околу Мариупол кои не можеле да се приклучат на конвоите.
„Со олеснување потврдувам дека повеќе од 170 луѓе кои издржаа повеќе од 10 недели интензивно гранатирање и борби сега можат да имаат одреден одмор во Запорожје“.
Запорожје е на околу 220 километри од Мариупол.
„Тоа беше можно благодарение на решителноста на тимовите од Обединетите нации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), со кои работев рака под рака во последните 10 дена.
Блиската координација и со украинската и со руската страна беше од витално значење за да се обезбеди безбедно извршување на комплксната операција.
„Нашата работа, сепак, сè уште не е завршена“, рече Лубрани.
„ОН се свесни дека голем број луѓе кои сакаа да се приклучат на конвоите за евакуација во последните денови не можеа да го сторат тоа“.
Лубрани нагласи дека ОН и МКЦК ќе продолжат да се ангажираат со двете страни за да се осигураат дека оние што сакаат да заминат имаат гаранции да го сторат тоа безбедно.
Најмалку 3.309 цивили загинаа, а 3.493 се повредени во Украина откако Русија започна војна против земјата, според проценките на ОН. Се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, над 5,8 милиони луѓе пребегале во други земји, а околу 7,7 милиони се внатрешно раселени.