Ekip
04 Јануари 2018•Ажурирај: 05 Јануари 2018
КАРАЧИ (АА) - Пакистан денес соопшти дека соодветно ќе одговори на каков било напад со беспилотни летала од страна на САД на територијата на нивната земја, јавува Anadolu Agency (AA).
„Пакистанската армија јасно даде до знаење дека на каков било напад со беспилотно летало од страна на САД ќе се одговори соодветно“, истакна портпаролот на Министерството за надворешни работи на Пакистан, Мухамед Фејсал, за време на неделната прес-конференција во главниот град Исламабад, одговарајќи на прашањата на новинарите.
Ваквата реакција следеше по неодамнешните изјави на високи официјални претставници на САД, вклучувајќи го и американскиот претседател Доналд Трамп, во кои го обвинуваат Исламабад за играње двојна игра и обезбедување засолниште на милитантите кои војуваат во Авганистан.
Нападите со беспилотни летала се честа тактика на американските силите уште од 2004 година, чија цел се талибанците и милитантите на Ал-Каеда во северозападниот регион на Пакистан, воглавно подрачјата на северен и јужен Вазиристан, кој се граничи со Авганистан.
Во текот на изминатите години, откако пакистанската армија во јуни 2014 година започна со напади од широки размери и ги принуди милитантите да заминат во Авганистан, бројот на напади со беспилотни летала на пакистанска територија е значително намален.
Според локалните медиуми, во Пакистан од 2004 година досега загинале повеќе од 3.450 лица во вкупно 417 напади со беспилотни летала. Според меѓународните тинк-тенк организации и групите за човекови права, меѓу кои „Amnesty International“ (Амнести интернешнал) и Бирото за истражувачко новинарство, 70 отсто од жртвите во нападите со беспилотни летала биле невооружени цивили.
И покрај јавните забелешки на Пакистан за нападите со беспилотни летала на САД, постојат шпекулации дека тие дале премолчено одобрение за тековните спорни операции. Пакистан, исто така, разви свое сопствено беспилотно летало што ќе се користи во северозападниот дел на земјата.
Веќе заладените односи меѓу двата сојузници во борба против тероризмот, уште повеќе се заладија по преземањето на претседателската функција од страна на сегашниот американскиот претседател Доналд Трамп во јануари минатата година, воглавно поради судирот на интереси во Авганистан.
- Посета на јапонскиот министер за надворешни работи -
Во меѓувреме, јапонскиот министер за надворешни работи, Таро Коно, за време на посетата на пакистанскиот главниот град Исламабад, изрази почит кон напорите и придонесот на Пакистан во борбата против тероризмот.
Министерството за надворешни работи на Јапонија соопшти дека министер Коно во текот на дводневната официјална посета на Исламабад, одржал одвоени состаноци со премиерот Шахид Хакан Абаси и со други високи претставници на Пакистан на кои е дискутирано за меѓусебната економска и трговска соработка, како и за мирот и стабилноста во регионот.