Betül Yürük
12 Мај 2022•Ажурирај: 12 Мај 2022
ЊУЈОРК (АА) - Палестинскиот претставник во Обединетите нации (ОН), Ријад Мансур, изјави дека нема да биде прифатена израелската истрага за убиството на новинарката на „Ал Џезира“, Ширин Абу Аклех на окупираниот Западен Брег, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Абу Аклех (51) почина откако беше застрелана додека известувала за напад на израелските сили во градот Џенин. Друг новинар, Али ал Самуди, бил застрелан во грбот“, соопшти вчера палестинското Министерство за здравство.
Обраќајќи им се на новинарите во седиштето на ОН во Њујорк, Ријад Мансур ги обвини израелските сили за смртта на Ширин Абу Аклех. Тој рече дека израелска истрага нема да биде прифатена бидејќи Израел е „виновникот“.
Мансур нагласи дека Палестина бара независна меѓународна истрага.
Абу Аклех е роденa во Ал Кудс/Ерусалим во 1971 година, дипломиралa новинарство на Универзитетот „Јармук“ во Јордан, а во последните две и пол децении е една од елитните новинари на „Ал Џезира“ кои ја покриваат ситуацијата низ окупираните палестински територии.
Катарскиот телевизиски канал „Ал Џезира“ ги обвини израелските сили за намерно убиство на Ширин Абу Аклех, додека израелската војска соопшти дека првичните проценки укажуваат дека била „убиена од палестински вооружени лица“.
Палестинските власти потврдија дека новинарката била убиена од Израелската армија.