Mahmoud Mohamed Barakat
03 Февруари 2021•Ажурирај: 03 Февруари 2021
РАМАЛА
Палестина вчера ја започна својата кампања за вакцинација против коронавирусот, почнувајќи од медицинските работници, соопшти палестинското Министерство за здравство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Први се вакцинираат медицинските работници кои работат во одделите за интензивна нега, во медицинските центри и болниците во кои се лекуваат пациенти со коронавирус.
„Министерката за здравство, Маи ал-Каила, ја прими вакцината во болницата „Хуго Чавез“ во Рамала, а медицинскиот персонал кој работи на одделите за интензивна нега се вакцинирани со вакцината на Модерна“, соопшти Министерството.
Министерството додаде дека втората категорија од палестинското население што ќе ја прими вакцината се лицата постари од 60 години и оние со хронични болести.
„Оваа кампања ќе заврши со руската вакцина Спутник V, откако за неколку дена во Палестина ќе пристигнат 5.000 дози, покрај 37.000 дози во рамките на ковакс-системот“, рече Ал Каила.
Ковакс е механизам на Светската здравствена организација (СЗО) за обезбедување правична распределба на вакцините против коронавирусот за да ги направи достапни за сиромашните и земјите со среден приход кои немаат можност да потпишат билатерални договори за преднабавка на вакцините.
„Палестинската Влада купи од британската вакцина на АстраЗенека, која ќе пристигне во земјата во наредниот период“, рече министерката.
„Оваа кампања ќе трае додека не ја реализираме вакцинацијата на 3,2 милиони луѓе, што ќе трае со месеци.“
Според последните податоци на Министерството за здравство, бројот на заразени со коронавирусот во Палестина достигна 180.018, од кои 2.032 завршија со смртен исход, додека 169.191 лица оздравеа. Во овој биланс вклучени се Западниот Брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим.