Vesna Besic
22 Јануари 2024•Ажурирај: 23 Јануари 2024
ГАЗА (АА) - Израелските напади врз блокираниот Појас Газа продолжуваат. Во еден од израелските напади извршени во петокот била бомбардирана куќата на семејството Бсеисо во градот Газа, пренесува Анадолу.
Во нападот тешко е повредена 16-годишната Палестинка Ахед. Поради израелската окупација, иако куќата е оддалечена само пет минути од болницата Ал-Шифа, не можеле да стигнат до неа за да ѝ се даде медицинска помош.
Таа имала среќа што во куќата бил и нејзиниот вујко, доктор Хани Бсеисо. Тој ѝ дал помош на масата во кујната.
Хани Бсеисо, кој работи како ортопедски хирург во болницата Ал-Шифа, морал крвавењето да го запре дома со кујнска опрема и да ја ампутира десната нога на девојчето без анестезија.
По повлекувањето на израелските сили Ахед била пренесена во болница каде што ѝ биле извадени шрапнелите од ногата.
„За време на нападот куќата се урна врз мене, а ногата ми се заглави под фрижидерот. Не можев да излезам“, изјавила Ахед.
Како што изјави таа, вујкото ѝ помогнал да се извлече. Знаела дека ногата ѝ е во лоша состојба, но го прашала дали може да ја спаси. За жал, немало помош.
„Постојано плачев, а додека ми ја ампутираа ногата, се обидував да се смирам цитирајќи во Куранот. Немам што да кажам, тоа е мојата судбина. Можеше да биде и полошо, но јас сум благодарна за оваа ситуација. Сакам војната да престане. Зар тие не ја гледаат нашата ситуација, зар не знаат што значи војна? Бараме помош од сите народи за да се стави крај на војната“, рече палестинското девојче.