Servet Günerigök
09 Март 2022•Ажурирај: 10 Март 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Пентагон во вторникот го одби предлогот на Полска да ги префрли сите нејзини борбени авиони „Mиг-29“ во американската воздушна база во Германија за поддршка на Украина поради војната со Русија.
„Можноста за борбени авиони на располагање на Владата на Соединетите Американски Држави кои заминуваат од базата на САД/НАТО во Германија за да летаат во воздушниот простор кој е оспорен од Русија над Украина, предизвикува сериозна загриженост за целата Алијанса“, вели портпаролот Џон Кирби во соопштението.
„Едноставно, не сме сигурни дека постои суштинско образложение за тоа“, изјави портпаролот.
Тој рече дека САД ќе продолжат да се консултираат со своите сојузници и партнери за континуираната безбедносна помош на Украина, додавајќи „Предлогот на Полска покажува само дел од сложеноста што ја претставува ова прашање.“
„Ќе продолжиме да се консултираме со Полска и нашите други сојузници на НАТО за ова прашање и тешките логистички предизвици кои ги претставува, но не веруваме дека предлогот на Полска е издржлив.“
Претходно во текот на денот, Полска изрази подготвеност да ги предаде сите свои авиони „Миг-29“ на САД.
„Властите на Република Полска, по консултациите помеѓу претседателот и Владата, подготвени се веднаш да ги распоредат сите свои авиони „Миг-29“ во воздушната база „Рамштајн“ и да ги стават на располагање на Владата на Соединетите Американски Држави“, се вели во соопштението на полското Министерство за внатрешни работи.
Повикувајќи ги другите сојузници на НАТО кои поседуваат авиони „Миг-29“ да „дејствуваат на истиот начин“, земјата, исто така, рече дека побарала од САД да обезбедат „користени авиони со соодветни оперативни способности“.