Esra Taşkın
16 Април 2023•Ажурирај: 18 Април 2023
ПАРИЗ/АНКАРА (АА) - Единаесет демонстранти се приведени на протестите во Рен, Франција, поради контроверзните пензиски реформи, јавува Анадолу.
Речиси 1.500 луѓе се собраа во центарот во Рен за да протестираат против реформите на Владата.
Полицијата употреби солзавец врз демонстрантите по судирот во кој беа запалени автомобили и контејнери за отпад, јавуваат медиумите.
Властите соопштија дека е повреден офицер на жандармеријата.
Француската премиерка Елизабет Борн рече дека Владата е решена да ги забрза другите реформи.
Контроверзниот план за пензиски реформи беше потпишан и официјално објавен вчера во Службен весник.
Претседателот Емануел Макрон го потпиша Нацрт-законот откако Уставниот совет го заврши разгледувањето доцна во петокот и покрај барањата на синдикатите да се откажат од мерката што предизвика неколкунеделни протести.
Деветте „мудреци“, како што се познати во Франција, делумно го одобрија Нацрт-законот, а отфрлија шест негови мерки, меѓу кои и мерката што се однесува на постарите работници.
Нацрт-законот вклучува зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години до 2030 година, на што работниците и синдикатите, меѓу другите, жестоко се спротивставија на планот.
Владата го претстави предлогот за реформи во јануари и тој беше предаден на парламентарна расправа следниот месец, иако милиони луѓе излегоа на улиците за да се спротивстават на предлогот.
Немирите се интензивираа кога премиерката Борн, по консултации со Макрон, одлучи да ги искористи посебните уставни овластувања за да се усвои Нацрт-законот во март без одобрение од Парламентот.
Одлуката беше донесена од страв дека пратениците ќе може да ги блокираат реформите бидејќи Владата нема апсолутно мнозинство во законодавниот дом.