Ömer Erdem,Ahmed Satti
15 Април 2023•Ажурирај: 15 Април 2023
КАРТУМ (АА) - Борбен авион на суданските воздухопловни сили го бомбардираше главниот штаб на паравоените сили за брза поддршка во главниот град Картум, јавува Анадолу.
Црн чад можеше да се види над тешко оштетената зграда откако борбен авион го погоди главниот штаб на паравоените сили.
Во Картум и во уште некои други градови продолжуваат судирите меѓу војската и паравоените сили за брза поддршка.
Во соопштението на суданската војска се наведува дека во земјата продолжуваат операциите против „побунетите“ паравоени сили и дека досега се уништени речиси 80 воени возила на паравоените сили.
Во соопштението од граѓаните се бара да останат во своите домови, да се држат настрана од подрачјата на судирите и да не ги засолнуваат побунетите сили.
Борбени авиони на суданската војска бомбардираа одредени локации во главниот град Картум по судирите што почнаа утрово меѓу вооружените сили и паравоените сили за брза поддршка (РСФ).
„Нашите воени сили спроведуваат квалитативни операции за ставање крај на неодговорните акции на побунетите“, се вели во соопштението на вооружените сили.
Паравоените единици, стационирани на различни локации во Картум, возвратија со противавионско оружје.
Откако паравоените единици објавија дека ги зазеле главниот град Картум и аеродромите во некои градови, суданската војска објави дека ги држи под контрола сите воени бази и аеродроми.
Утринава во главниот град на Судан се слушаа континуирани пукотници за време на тензиите меѓу војската и паравоените сили на земјата. Истрели можеа да се слушнат во повеќе области, вклучително и центарот на Картум и населбата Бахри.
Тензиите меѓу војската и паравоените формации на силите за брза поддршка ескалираа во последните месеци, што доведе до одложување на потпишувањето на меѓународно поддржаниот договор со политичките партии за заживување на демократската транзиција во Судан.