Jo Harper
28 Септември 2023•Ажурирај: 04 Октомври 2023
ВАРШАВА (АА) - Полска размислува за заострување на контролите на германската граница поради стравувањата од зголемениот миграциски проток преку Италија, изјави портпаролот на полската Влада, Пјотр Мулер, за полското радио РМФ ФМ, пренесува Анадолу.
„Размислуваме за одредени контроли на полско-германската граница“, рече тој, осврнувајќи се на јавувањата на медиумите вчера за привремените гранични контроли на Германија со Полска и Чешка што ги најави германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер.
„Зборуваме за овој проблем погласно од Германија бидејќи во овој контекст зборуваме за балканската маршрута, односно за миграциската маршрута од Јужна Европа. Затоа започнавме со надзор на словачката граница“, рече Мулер.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки во понеделникот изјави дека му наложил на министерот за внатрешни работи и администрација да се проверуваат автобусите и автомобилите на полско-словачката граница што би можеле да ги користат мигрантите што немаат право да влезат во Полска.
Германските власти се под сè поголем притисок за спречување на инфлуксот на баратели на азил што влегуваат во земјата, од кои многумина сега ги преминуваат границите на Полска и Чешка. Околу 204.000 лица побарале азил во Германија во првите осум месеци од оваа година, што е за 77 отсто повеќе од истиот период минатата 2022 година.
Полската владејачка партија Право и правда (PiS) силно ја критикува Германија во нејзината кампања пред изборите што се на само неколку недели (15 октомври).