Ali Murat Alhas
13 Април 2022•Ажурирај: 13 Април 2022
АНКАРА (АА) - Лидерите на Полска, Литванија, Летонија и Естонија се на пат за Украина за да разговараат со претседателот Владимир Зеленски, јавува Агенција Анадолија (АА).
„На пат кон Киев, во градот кој претрпе ужаси поради руската војна од мојата последна посета“, напиша естонскиот претседател Алар Карис во твит со фотографија на шефовите на државите надвор од возот.
„Заедно со претседателите Анджеј Дуда, Гитанас Науседа, Егилс Левитс, ја посетуваме Украина за да му покажеме силна поддршка на украинскиот народ. Ќе се сретнеме со драгиот пријател, претседателот Владимир Зеленски“, додаде тој.
Русија ја започна својата „специјална воена операција“ во Украина на 24 февруари за „деназификација и демилитаризација“ на Украина. Западните земји реагираа остро, наметнувајќи строги финансиски санкции за Москва.
Голем број лидери, вклучително и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и британскиот премиер Борис Џонсон, се сретнаа со Зеленски по објавата на Русија дека ќе ги намали своите воени активности кон украинските градови Киев и Чернихив.
Одлуката беше објавена по мировните преговори меѓу Москва и Киев во Истанбул на крајот од минатиот месец.
Украинските преговарачи, пак, рекоа дека можат да се согласат на неутрален статус, едно од клучните барања на Русија, но побараа меѓународни гаранции за нејзината безбедност.