Çağrı Koşak
13 Април 2022•Ажурирај: 14 Април 2022
РАМАЛА (АА) - Палестинец загина како резултат на отворен оган од страна на израелските војници во градот Наблус кој се наоѓа во окупираниот Западен Брег, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според писменото соопштение на палестинското Министерство за здравство, израелските војници отвориле оган врз 34-годишниот Палестинец Мухамед Хасан Асаф, за време на немирите меѓу израелската војска и Палестинците во Наблус.
Палестинецот Мухамед Хасан Асаф го загуби својот живот откако беше застрелан во главата и градите.
Според информациите добиени од очевидците, немирите се случиле откако на еврејските доселеници кои сакале да преминат во турбето на божјиот пратеник Јусуф во Наблус им се придружиле израелските војници кои влегле во оваа зона.
Во соопштението на палестинската Црвена полумесечина се наведува дека во судирите кои се случиле во близина на ова турбе, 10 лица биле ранети со вистински куршуми, додека 6 лица биле ранети со гумени куршуми.
Инаку, турбето на божјиот пратеник Јусуф кое се наоѓа во источниот дел на Наблус се смета за свето место од страна на Евреите, кои веруваат дека коските на пратеникот биле донесени од Египет и закопани во ова место.
Палестинските експерти за историски дела тврдат дека ова турбе не е на пратеникот Јусуф, туку на научник муслиман со името Јусуф Дузејкат.