Aysu Biçer
07 Јануари 2025•Ажурирај: 08 Јануари 2025
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија се бори со поплави и тешки зимски услови кои се класифицираат како „опасни по живот“, јавува Анадолу.
Издадени се повеќе од 500 предупредувања за поплави, снег и мраз, што го попречува сообраќајот и секојдневниот живот.
Властите издадоа предупредувања за сериозни поплави кои бараат големи евакуации, додека два аеродроми ја прекинаа работата поради студеното време.
„Ова сериозно предупредување е издадено затоа што е потребна голема евакуација“, соопшти Агенцијата за животна средина.
„Нивото на реките се зголемува како резултат на обилните врнежи и брзото топење на снегот. Се очекува да продолжи поплавувањето на имотите“.
Зимските услови предизвикаа хаос кај патниците, а аеродромите и патиштата се сериозно погодени.
Аеродромот во Абердин ги прекина летовите во текот на ноќта поради голомразица, наведувајќи ја потребата од чистење на снегот и мразот. Летовите ќе бидат повторно воспоставени кога ќе се создадат соодветни услови.
Аеродромот „Џон Ленон“ во Ливерпул е привремено затворен за чистење на снегот и преземање мерки против голомразица.
Аеродромот во Манчестер повторно ги отвори двете писти по расчистувањето на снегот.
Метеоролошката канцеларија издаде жолти предупредувања за снег и мраз за големи делови од Велика Британија - Западна Англија, Велс, Северна и Западна Шкотска и Северна Ирска.
Се очекува голомразица на патиштата, а поплавите и снегот веќе доведоа до затворање на училиштата и значителни прекини.