Alaattin Doğru
23 Септември 2020•Ажурирај: 24 Септември 2020
ПАРИЗ (АА) - Поради дојава за бомба евакуирана е Ајфеловата кула во Париз, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Локалните медиуми наведуваат дека кулата и зградите во тоа подрачје се евакуирани по дојавата дека во подрачјето каде што се наоѓа Ајфеловата кула е оставена бомба.
Полицијата презеде безбедносни мерки во околината на еден од симболите на француската престолнина. Во тек е акција за пребарување.
Станува збор за една од најпосетените туристички локации во светот која секоја година привлекува повеќе милиони посетители.
Наречена по Александар Густав Ајфел, инженерот кој ја дизајнираше, кулата е градена од 1887 до 1889 година, претставена е на 31 март 1889 година по повод Светската изложба, на која беше одбележана 100-годишнината од Француската револуција. За посетителите отворена е на 6 мај истата година.
.