?kipa
11 Септември 2017•Ажурирај: 12 Септември 2017
АДИС АБЕБА (АА) - Жителите на Етиопија, земја којашто користи посебен календар, ја дочекаа „Новата 2010 година“ со надеж за економски напредок, но исто така и со страв од етнички поделби, јавува Anadolu Agency (AA).
Локалното население се надева дека во новата година сиромаштијата ќе биде значително намалена, речиси искоренета, поради позитивните економски движења.
Возачот на автобус, Акалу Булча, за АА изјави дека е загрижен за етничките поделби.
„Каде и да одам, гледам луѓе што носат повеќе од свест за етничката припадност. Ќе се молиме за мир и единство“, рече Булча.
За време на минатогодишните демонстрации во областите на Оромо и Амхара загинаа речиси 700 луѓе, а илјадници беа уапсени. Во истите области сѐ уште повремено се случуваат помали демонстрации и апсења, поради што тензиите сѐ уште се присутни.
Етагегн Гемечу, мајка на шест деца, која заврши со предновогодишните набавки, се пожали за скапата живејачка.
„Секое дете има потреба од нова облека, а исто така има и трошоци за школување. За семејствата како нас ќе биде тешко да се помине новата година“, вели таа.
Државниот службеник Алему Гебре вели дека и покрај економскиот раст во земјата, и понатаму постои голем јаз меѓу богатите и сиромашните.
Етиопскиот календар „заостанува“ седум до осум години зад јулијанскиот.
Тој се заснова на коптскиот календар и има 12 месеци од по 30 дена, како и 13. месец, кој се состои од пет, односно шест дена.
Според овој календар, новата година секогаш настапува на 11. или 12. септември.