Ayhan Şimşek
02 Септември 2022•Ажурирај: 05 Септември 2022
БЕРЛИН (АА) - Штрајкот на пилотите го принуди германскиот авиопревозник „Луфтханза“ денеска да откаже речиси 800 лета од што се погодени околу 130.000 патници, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Штрајкот започна во 00:01 часот по локално време и треба да трае до 23:59 часот вечерва“, соопшти Синдикатот на пилоти „Ферајнигунг кокпит“.
„Луфтханза“ побара од своите патници да го проверат моменталниот статус на нивните летови преку интернет, да го контактираат телефонскиот центар за одредено решение за пререзервација и да избегнат да патуваат до аеродромот.
„Поради штрајкот, таму [на аеродромот] се отворени само неколку или ниеден шалтер. Затоа, малку e веројатно дека и таму ќе ви биде понудена итна алтернатива“, велат од компанијата.
Речиси сите летови на „Луфтханза“ од аеродромите во Франкфурт и Минхен денеска се откажани поради штрајкот.
„Можно е да има повеќе откажувања или одложувања на летови оваа сабота и недела поради последиците од штрајкот“, предупреди авиокомпанијата.
Синдикатот на пилотите одлучи да стапи во штрајк откако на преговорите со раководството во средата не беше постигнат напредок.
„„Луфтханза“ мора да претстави значително подобрена понуда“, изјави преговарачот Марсел Гроелс, додавајќи дека позициите на раководството и синдикатот во моментот се „премногу оддалечени“.
Тој истакна дека Комисијата за колективно договарање бара компензација за загубата на реалните плати и за меѓународно конкурентната структура на надоместок во сите професионални сектори.