Elvir Hociç
26 Август 2018•Ажурирај: 26 Август 2018
ВАТИКАН (АА) - Надбискупот и поранешен официјален претставник на Ватикан, Карло Марија Вигано, го повика поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, да отстапи од таа функција поради сексуалните скандали што во последно време ја погодуваат црквата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во писмото на 11 страници упатено до католичките медиуми во екот на историската посета на папата на Ирска, надбискупот Вигано напиша дека на папата Франциско во 2013 година му кажал дека американскиот кардинал Теодор Меккарик е соочен со голем број обвиненија за сексуално злоупотребување на пониско позиционираните свештеници.
Меккарик (88) во мај оваа година стана првиот католички кардинал во историјата кој дал оставка поради обвиненија за сексуално злоупотребување.
„Папата Франциско најмалку од 23 јуни 2013 година знаеше дека Меккарик е бесчувствителен предатор. Би требало прв да даде добар пример на кардиналите и бискупите што ги прикриваа злосторствата на Меккарик и да даде оставка заедно со нив“, изјави Вигано, поранешниот ватикански амбасадор во САД.
Поранешниот ватикански официјален претставник Вигано ја нападна „хомосексуалната мрежа во Црквата“, а зборот „хомосексуалец“ во писмото се споменува во 18 наврати.