КЕЛН (АА) - МЕСУТ ЗЕЈРЕК –
Зголемувањата на антитурцизмот, исламофобијата, расизмот и нападите врз џамиите во западните земји ги загрижуваат Турците што живеат во Европа.
Претставниците на турските невладини организации што дејствуваат во Европа во изјавата за Агенција Анадолија (АА), потсетија дека повеќе од 700 напади на џамии биле забележани во Германија помеѓу 2014 и 2020 година, и повикаа безбедносните сили на соодветните земји да преземат соодветни мерки.
Кемал Ергун, претседателот на Исламската заедница „Мили Ѓоруш“ (IGMG), чие седиште се наоѓа во Келн, истакна дека според податоците на Меѓународната асоцијација ФАИР, што ги евидентира нападите врз џамиите, само во Германија во 2020 година биле извршени 122 напади врз џамии, а минатата година на преден план излегле дојавите за бомби и заканувачките писма со навреди кон исламот.
Нагласувајќи дека насилниците што ги нападнале џамиите треба да бидат фатени веднаш, Ергун рече: „Помеѓу 2014 и 2020 година, во Германија беа регистрирани над 700 напади на џамии. Некои џамии беа напаѓани постојано. Во некои напади беше зголемена дозата на насилство, беа зголемени заканите за подметнување пожар, а на ѕидовите на некои џамии беа напишани заканувачки и навредливи зборови.“
„По терористичките напади во Европа, антимуслиманскиот расизам стана понасилен. За жал, крајната десница, по срамните терористички акти, за кои велат дека се извршени од исламски побуди, уште повеќе го заострува својот агресивен став кон муслиманите. Од оваа атмосфера најмногу се погодени жените муслиманки како поединци и џамиите во институционална смисла“, додаде Ергун.
Истакнувајќи дека како организација бараат безбедносните сили поефикасно да ги спроведат своите истраги за да се пронајдат сторителите, Ергун рече: „Сведоци сме дека безбедносните сили работат прецизно за пронаоѓање на сторителите на нападите во голем број џамии. Но, за жал, секој напаѓач што сè уште не е фатен продолжува да се движи надвор како социјална закана.“
- „Нашата безбедност и безбедноста на џамиите се доверени на властите на овие земји“ -
Претседателот на Европската турско-исламска унија (ATİB), Дурмуш Јилдирим, посочи дека на 60-годишнината од миграцијата на работната сила во Европа, расистите во западните земји постепено добиле моќ и собрале приврзаници против мигрантите и муслиманите, достигнувајќи точка да бидат застапени во Федералниот парламент на Германија.
„Ние сме загрижени за зголеменото расистичко насилство врз муслиманските имигранти и од речиси секојдневните напади врз џамиите. Би сакал да истакнам дека не го одобрувам и го осудувам тоа што муслиманските мигранти се користат како изборен материјал и на локалните и на општите избори“, истакна Јилдирим.
Меѓу другото тој рече:
„Особено во 2020 година, со дешифрирање на екстремно-десничарската полиција неонацисти во германската полиција, откриено е присуство на расистичка полиција во организацијата, а тоа покажува дека денешните критики се оправдани. Некои популистички политичари продолжија да шират омраза кон странците муслимани и да водат дискриминаторска политика. По настаните на 11 септември, исламофобијата се зголеми и во последно време се претвори во туркофобија, а особено цел беа европските Турци. Во последните две години беа нападнати скоро 900 џамии, што претставува сериозна бројка. Нашата безбедност и безбедноста на џамиите се доверени на властите на овие земји.“
Јилдирим додаде дека тие се чувствуваат како дел од Европа, со оглед на тоа што во Германија родена е третата и четвртата генерација, кои земјата ја сметаат за своја татковина. „Затоа ние веќе треба да живееме заедно. Секој треба да придонесе за ова прашање,“ порача Јилдирим.
- „Во последните 5-6 години, антитурцизмот и исламофобијата достигнаа застрашувачки димензии“ -
Булент Билги, претседател на Меѓународната унија на демократи (UID), рече дека во последните 5-6 години, антитурцизмот и исламофобијата достигнале застрашувачка димензија.
„Се разбира, ова кога ќе го разгледаме од перспектива на исламофобијата, се појави загриженост низ цела Европа бидејќи муслиманските имигранти од Блискиот Исток и Азија се натрупаа во Европа. Со тоа се активира исламофобијата која беше присутна. Друга причина, освен пристигнувањето на бегалците, економските проблеми што се појавија во Европа поради пандемијата. Затоа, бегалците и економските проблеми ја зголемија туркофобијата и исламофобијата. Чекорите што ги презеде Турција во однос на заштитата на националните интереси се еден од факторите што ја активираа туркофобијата“, истакна Билги.
Потсетувајќи дека во последно време без причини имало рации во џамиите во Европа, особено во Франција и Германија, Билги рече:
„За време на пандемијата, 150 маскирани полицајци извршија рација во џамиите поради сомневање за злоупотреба на помошта. Ова тврдење не е докажано и ова е само еден од многуте примери. Рациите во Франција се со цел да се заплашат муслиманите. Должноста на владите не е да заплашуваат, туку прашањата да ги решаваат преку дијалог.“
Тој додаде дека постојат напори да се создаде европски ислам, француски ислам, германски ислам, на што силно се противат.
„Никогаш немало арапски или турски ислам за да има европски ислам. Различни земји прават чекори во таа насока, но тоа нема да успее бидејќи нема основа. Проектот „Совет на имами“ во рамките на Исламскиот совет во Франција всушност е наменет да се создадат услови за да се постават темелите на францускиот ислам. Има различни напори, но овој процес нема да биде ефикасен. Германија и Франција наместо да се состануваат со погрешни лица и институции, треба да работат со вистинските лица и институции за решавање на овој проблем преку социјален мир со дијалог.“
Истакнувајќи дека институциите како што се Турско-исламската унија за верски прашања (DITIB) и Организацијата на движењето „Национално мислење“ (Milli Görüs-IGMG), направиле корисни работи во името на исламот во Франција и Германија, Билги нагласи:
„Тоа што луѓето со потекло од Турција не се вмешани во терористички активности во име на исламот произлегува од тоа што овие организации правилно ја насочиле турската младина.“
- „Отсекогаш имало фобија за турски и исламски зборови“ -
Претседателот на Турскиот културен центар во Брил, Ајдин Парпаксизоглу, истакнувајќи дека во Германија од неодамна е зголемено непријателството кон Турците и исламот, рече: „Во Европа и Германија отсекогаш имало фобија за турски и исламски зборови. Здруженијата што носат турско и исламско име беа постојано следени од Организацијата за заштита на Уставот. Другите здруженија не беа гонети. Тоа е доказ дека постои туркофобија и исламофобија.“
Потсетувајќи дека германскиот Устав всушност, им дава право на секаков вид религиозен и културен живот, Парпаксизоглу рече: „Но, бидејќи расизмот се формира во главите на луѓето, во секоја институција може да се видат расисти, исто така може да видиме и толерантни луѓе. Ако Германија не ги исчисти радикалните струи, утре можеме да го изгубиме мирот во Европа и да се вратиме многу повеќе назад. Германија треба да ги исчисти не само радикалите странски државјани, туку и радикалите во себе, во тоа е проблемот.“