Haydar Karaalp
22 Април 2024•Ажурирај: 23 Април 2024
БАГДАД (АА) – Денешната претстојна посета на турскиот претседател на Ирак ќе доведе до „квалитативен скок“ во односите меѓу двете земји, изјави портпаролот на ирачката Влада, Басим Ал Авади во интервју за Анадолу.
Подготовките за оваа значајна посета на претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, на Ирак започнаа пред околу една година, рече Ал Авади.
Што се однесува на прашањата за кои ќе се дискутира за време на разговорите на Ердоган во Багдад, Ал Авади рече дека заедничките комисии ја завршиле работата за прашањата, како што се водата, проектот за Патот на развојот што го поврзува Персискиот Залив со Туркије, присуството на терористичката организација ПКК во Ирак и инвестициите на турските компании во Ирак.
„Ќе биде потпишан многу важен и стратегиски договор меѓу претседателот Ердоган и премиерот Мухамед Шија Ал Судани за прашањето на водите. Туркије е една од успешните земји во управувањето и користењето на водите во целиот свет и има значително искуство на ова поле. Во оваа рамка ќе биде потпишан голем изненадувачки договор“, рече Ал Авади.
Напоменувајќи дека ирачкиот Совет за национална безбедност неодамна ја прогласи ПКК за забранета организација, Ал Авади рече: „Ќе добијат статус на 'бегалци' под надзор на ОН во Ирак и нема да имаат никаква партиска или политичка активност.“
„Ова ќе биде слично на безбедносниот договор потпишан меѓу Ирак и Иран“, додаде портпаролот на ирачката Влада.
Во над 35-годишната терористичка кампања против Туркије, ПКК - која е ставена на листата на терористички организации од страна на Туркије, САД и Европската Унија, е одговорна за смртта на 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. Терористите на ПКК често се кријат во Северен Ирак, преку границата, за да планираат напади во Туркије.
Ал Авади го нагласи и партнерството меѓу Ирак и Туркије на проектот Патот на развојот, наведувајќи дека овој проект претставува камен-темелник на посетата на Ердоган на Ирак.
„Главните средишта на проектот Патот на развојот се Ирак и Туркије. Во таа смисла ќе се склучат и значајни договори. Ќе се разговара и за улогата на турските компании во овој проект во Ирак“, додаде Ал Авади.
Турскиот претседател Ердоган првпат по 13 години ќе престојува во посета на соседен Ирак, а со највисоките ирачки претставници ќе се сретне во Багдад и во Ербил, соопштено е претходно.