Ahmet Gürhan Kartal
12 Септември 2022•Ажурирај: 13 Септември 2022
ЛОНДОН (АА) – Посмртните останки на кралицата Елизабета Втора ќе бидат изложени во Вестминистерската палата во Лондон од 14 до 19 септември, за граѓаните кои сакаат да ѝ оддадат своја последна почит, јавува Агенција Анадолија (АА).
Затворениот ковчег на кралицата ќе биде поставен во Вестминстерската палата од 17 часот по локално време в среда, 14 септември, до 6:30 часот на 19 септември, денот на нејзиниот погреб, се наведува во соопштението на Владата.
„Ве молиме имајте предвид дека се очекуваат долги редици. Ќе треба да чекате повеќе часови, можно и цела ноќ, со многу мала можност да седнете бидејќи редот постојано ќе се движи“, се посочува во соопштението.
Граѓаните ќе мора да поминат низ безбедносни проверки како на аеродромите пред да влезат во Вестминстерската палата.
Во подрачјето ќе има и големо полициско присуство.
Граѓаните ќе можат да носат со себе во палатата само по една мала торба, „проѕирни шишиња со вода се дозволени, но истите мора да се испразнат пред да се влезе на местото за безбедносни проверки“.
Владините насоки, исто така, бараат од граѓаните „да го почитуваат достоинството на настанот“, да се облечат соодветно и да ги исклучат мобилните телефони пред да влезат во палатата.
Забрането е снимање, фотографирање и користење на мобилни телефони или други уреди.
Кралицата Елизабета Втора почина на имотот „Балморал“ во Абердиншир, Шкотска, во четвртокот, на 96-годишна возраст.
Нејзиниот ковчег беше донесен во Палатата Холирудхаус во Единбург вчера (недела), а ќе биде поставен во катедралата Сент Гилс во шкотската престолнина со поворка на која ќе присуствува кралот Чарлс Трети и членовите на кралското семејство.
Посмртните останки ќе бидат пренесени во Лондон утре (вторник) и однесени во Бакингемската палата, а потоа со поворка следниот ден до Вестминстерската палата.
Последен пат на ваков начин беа изложени посмртните останки на мајката на Елизабета Втора, кралицата Елизабета, која почина во 2002 година на 104-годишна возраст. Последна почит и оддадоа 200.000 луѓе.