Kasım İleri
05 Април 2019•Ажурирај: 05 Април 2019
ВАШИНГТОН (AA) – Американското Министерство за одбрана (Пентагон) потврди дека е во тек предавањето на уште два борбени авиони Ф-35 на силите на Република Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Испорачан е уште еден авион Ф-35 кој ѝ припаѓа на Турција и испратен е во воената база во Аризона, а вториот утре ќе биде испорачан и испратен утре во истата база", рече за АА гласноговорникот на Пентагон Ерик Пахон.
Турција претходно презеде два американски бомбардери Ф-35 и во текот е обука на турските пилоти во базата во Аризона.
Истакнувајќи дека САД се загрижени поради одлуката на властите на Турција за купување на руските одбранбени системи С-400, Пахон рече дека на Турција моментално и се испорачува опрема за бомбардерите Ф-35.
„Што се однесува до обука на турски пилоти, тука нема никакви промени. Обуката се спроведува во согласност со плановите", рече Пахон.
Обуката на турските пилоти во базата во Аризона ќе трае најмалку година, а највеќе две години.
Првите два авиони Ф-35 Турција ги презеде во јуни минатата година, а официјална Анкара од САД планира да купи вкупно 100 такви авиони. Турција се приклучи на програмата за воените авиони Ф-35 во 2002 година во која инвестираше над 1,25 милијарда долари.
Турција од 2011 година го интензивираше јакнењето на воздушните одбранбени капацитети поради безбедносните закани во регионот.
По пропаднатите преговори за купување на американскиот противвоздушен систем Патриот, Турција во 2017 година одлучи од Русија да купи софистициран одбранбен систем С-400. Таквиот потег на Анкара предизвика противење на Вашингтон.
Низа американски воени функционери и аналитичари бараат САД да не ѝ ги испорачаат на Турција авионите Ф-35 ако Турција ги добие руските системи С-400. Тврдат дека така Русија индиректно би можела да ги добие клучните параметри за американските бомбардери.