Mustafa Melih Ahıshalı
10 Септември 2019•Ажурирај: 11 Септември 2019
ИСТАНБУЛ (AA) - Иранката Сахар Кодојари, која се запали пред суд кога дозна дека би можела да биде осудена на затворска казна од шест месеци поради обидот за влез на стадион, почина од добиените повреди, пренесува Anadolu Agency (AA).
Дваесет и деветгодишната девојка, која локалните медиуми ја нарекоа „Сахар", се запали на 2 септември откако слушна дека може да биде осудена на затворска казна поради тоа што се обидела да влезе на фудбалски стадион и да гледа натпревар.
Според пишувањето на иранските медиуми, Кодојари почина во болницата „Мутахари“, и покрај сите напори на лекарите кои се обидоа да ја спасат.
Медиумите ја нарекоа „Сина девојка" поради бојата на дресот на клубот Естегхлал за кој навиваше.
Сахар е уапсена во март откако се обиде да влезе на стадион во Техеран. Уапсена е и осудена на шест месеци затвор поради наводно навредување на полицаец. Подоцна е пуштена со кауција, но минатата седмица пресудата е потврдена по што девојката се запали пред судница.
Нејзината сестра потврди дека Сахар имала биполарно нарушување и дека времето кое го поминувала во притвор лошо влијаело врз нејзиното психичко здравје.
Поранешниот фудбалер од Баерн Минхен Али Карими, кој одигра 127 натпревари за репрезентацијата на Иран, поради смртта на навивачката, ги повика Иранците да бојкотираат одење на стадион.