Haydar Karaalp
12 Октомври 2021•Ажурирај: 14 Октомври 2021
БАГДАД (АА) – Според прелиминираните резултати од парламентарните избори во Ирак, движењето Садр победи со 73 пратенички места од вкупно 329, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според објавата на Иранската новинска агенција, движењето Садр, кое е поврзано со водачот на шиитите, Муктад ал Садр, одвоило 73 места во парламентот.
Со 38 освоени пратенички места, партијата Такадум, која ја предводи поранешниот претседател на Парламентот Мухамед ал Халбуси (сунит), би можела да биде втора најголема поединечна партија во Парламентот.
Државната коалиција на поранешниот премиер Нури ал Малики зазема трето место со 37 пратеници.
Изборната комисија на Ирак сè уште не ги објавила конечните резултати од изборите.
Излезноста на овие избори изнесува 41 процент.
Со затварањето на гласачките места во Ирак во неделата завршија парламентарните избори кои беа организирани со строги мерки на претпазливост.
Врховната изборна комисија на Ирак соопшти дека гласачките места низ земјата биле затворени во 18 часот и дека изборниот процес се реализирал без терористички напади.
За време на изборите, најголемиот инцидент е забележан во покраината Дијала каде што во вооружен напад на гласачко место ранети се двајца војници.
Според локални извори, на гласачките места во Багдад и Киркук се расипале неколку електронски машини и читачи на отпечатоци поради што голем број луѓе не можеле да гласаат.
Во изборната трка за новиот состав на Парламентот, кој брои вкупно 329 пратенички места, се бореа 3.249 кандидати претставени преку 21 коалиција и 109 политички партии.
Ова беа петти избори во Ирак од 2003 година и американската инвазија со која е срушен режимот на ирачкиот претседател Садам Хусеин.