Eren Beksaç
21 Ноември 2025•Ажурирај: 22 Ноември 2025
ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Полска, Доналд Туск, изјави дека е надминат критичниот праг по саботажата извршена со експлозив на железничката линија Варшава - Лублин, и додаде: „Денес, веќе можеме да зборуваме за државен тероризам“, известува Анадолу.
Во веста што ја објави полската новинска агенција ПАП, се вели дека премиерот Туск зборувал за дневната агенда пред пратениците во Сејмот, Долниот дом на полскиот Парламент.
Наведувајќи дека Русија ја спроведува следната фаза од хибридната војна насочена кон дестабилизација на неговата земја, Туск во своето обраќање истакна:
„Диверзантските операции што со месеци беа насочени и директно организирани од службите на Кремљ неодамна го надминаа критичниот праг. Денес, веќе можеме да зборуваме за државен тероризам“.
Туск нагласи дека овие акции имаат за цел да предизвикаат уништување, губење на животи и дестабилизација на полската држава.
Посочувајќи дека Русија сака конфликт во Европа, Украина и Полска, Туск нагласи дека не смее да се дозволи да се материјализира ваквото сценарио.
Тој рече дека Русија по секоја цена сака да ја ослабне Полска.
- Саботажа на железничката линија Варшава - Лублин
Според вестите објавени во полските национални медиуми, на 16 ноември, околу 7:00 часот по локално време, машинистот на возот што сообраќал на железничката линија Варшава - Лублин забележал оштетување на шината и ја пријавил ситуацијата. По ваквиот развој на настаните, патниците и персоналот на возот биле евакуирани, а сообраќајот на споменатата железничка линија бил запрен.
Полскиот премиер Доналд Туск објави дека штетата во близина на селото Мика, на железничката линија Варшава - Лублин, која е од витално значење за доставување помош на Украина, била предизвикана од саботажа со користење на експлозив. Тој истакна дека штетата на железничката линија е откриена на точка поблиску до Лублин.
Туск подоцна објави дека идентификувале две лица одговорни за саботажата и дека станува збор за Украинци кои соработувале со руската служба за разузнавање.
По ваквиот развој на настаните, Полска ја отповика дозволата издадена за Конзулатот во Гдањск, последниот оперативен руски Конзулат во земјата, и објави дека 10.000 војници ќе бидат распоредени за заштита на критичната инфраструктура и реакција на обидите за саботажа.