Meiramgul Kussainova
07 Септември 2023•Ажурирај: 12 Септември 2023
АСТАНА (АА) - Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, оствари посета на казахстанскиот главен град Астана, со цел продлабочување на односите, пренесува Анадолу.
Според соопштението на казахстанското Претседателство, Бегај ја остварил оваа посета на покана од претседателот на Казахстан, Касим Џомерт Токаев.
По официјалниот пречек во претседателската палата Акорда, двајцата лидери реализирале тет-а-тет средба, по која следуваше меѓуделегациска средба.
Токаев нагласи дека Бегај е првиот претседател на Албанија кој остварил официјална посета на Казахстан.

Според него, оваа посета е исклучително важна од аспект на развивање на билатералните односи. Тој рече дека сакаат да имаат поблиски односи со Албанија.
Токаев нагласи дека Албанија ја сметаат за многу важен партнер на Балканот, и додаде: „Постојат многу сличности меѓу Казахстан и Албанија. Ние сме мултиетнички и мултирелигиски земји. Исто така, мнозинството од населението се муслимани.“
Казахстанскиот претседател рече дека треба да започнат директните летови меѓу главните градови на двете земји.
Тој укажа и на можностите за соработка во повеќе области, како што се туризмот, транспортот и енергетиката.
Од друга страна, претседателот на Албанија, Бегај, рече дека е среќен што се наоѓа во Казахстан.

„Оваа посета се реализира на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу двете земји. Тоа покажува дека политичките односи меѓу двете земји се на добро ниво. Сега треба повеќе да работиме и да најдеме можности за економска соработка. Вас ве поканувам во Албанија“, нагласи Бегај.
Тој истакна дека се согласиле за продлабочување на економските односи помеѓу двете земји.
„Сакаме да ја зајакнеме соработката во областите како што се туризмот, инфраструктурата, енергетскиот сектор и рударството“, додаде претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.