11 Ноември 2022•Ажурирај: 11 Ноември 2022
КУДС (АА) - Поранешниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху, кој победи на последните избори за Кнесетот, истакна дека претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мухамед бин Зајед, го поканил да го посети Абу Даби со цел зајакнување на билатералните односи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Сега разговарав со мојот пријател, претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мухамед бин Зајед, се согласивме за понатамошно унапредување на односите по историскиот мировен договор што го постигнавме заедно“, напиша Нетанјаху на Твитер.
„Шеикот Бин Зајед ме покани да ја посетам неговата земја за заемно унапредување на нашите односи. Му благодарам за разговорот и одличните односи меѓу нас!“, додаде Нетанјаху.
Шеикот Мухамед бин Зајед ал Нахјан му честита на Нетанјаху „за победата на неодамна одржаните избори за Кнесетот (израелскиот Парламент), нагласувајќи ја желбата на ОАЕ да ги зајакне позитивните партнерства во регионот“, јави државната новинска агенција на Емиратите.
Нетанјаху и неговиот десничарски блок обезбедија целосно мнозинство во 120-члениот Кнесет, што му овозможи да ја формира идната израелска влада.
Во септември 2020 година ОАЕ и Израел потпишаа договор под покровителство на САД за нормализирање на нивните односи. Оттогаш, двете земји потпишаа повеќе билатерални договори во различни области, меѓу кои и во инвестициите, банкарските услуги и туризмот.