Barış Seçkin
10 Октомври 2021•Ажурирај: 11 Октомври 2021
РИМ
На вчерашните протести во Рим, Италија, организирани поради воведувањето „Зелена карта“, приведени се 12 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Новинската агенција АНСА, повикувајќи се на безбедносни извори, објави дека полицијата привела 12 лица поради нивните улоги во протестниот марш во Рим.
Меѓу приведените се и Џулијано Кастелино и Роберто Фиоре, лидерите на ултрадесничарската партија „Нова сила“ (Forza Nuova).
Денес синдикатите организираа протест пред седиштето на Италијанската општа конфедерација на трудот (CGIL), најголемиот синдикат во земјата, врз кој во текот на вчерашните протести е изведен напад.
Генералниот секретар на Италијанската општа конфедерација на трудот (CGIL), Маурицио Ландини, изјави дека вчерашните напади претставуваат демократска рана, напад врз Уставот и чин кој ги крши правата на деловниот свет.
Ландини најави големи протести закажани за 16 октомври.
„Зелените карти“, кои потврдуваат дека лицето е вакцинирано, тестирано или дека неодамна прележало Ковид-19, на сила се од 6 август, а на 16 октомври ќе станат обврзувачки за сите работници во јавниот и приватниот сектор. Тоа е причината поради која низ цела Италија се организираат демонстрации. На протестите во Рим и Милано дојде до нереди и судир на демонстрантите со полицијата.
Во Рим полицијата користеше солзавец и водени топови, на што демонтрантите возвратија со фрлање камења, шишиња и пиротехнички средства.
Многу политички личности, меѓу кои и премиерот Марио Драги, го осудија насилството и нападот врз Италијанската општа конфедерација на трудот (CGIL).