Zehra Nur Düz
01 Септември 2019•Ажурирај: 02 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Најмалку пет лица загинаа, а 21 се повредени во пукање во јужната американска сојузна држава Тексас, соопшти полицијата, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Имаме 21 ранет и најмалку пет починати во овој момент“, изјави челникот на полицијата во Одеса, Мајкл Герке, на прес-конференција пренесувана од локалните медиуми.
Во меѓувреме, Полицискиот оддел во Мидленд потврди дека напаѓачот е застрелан и убиен во забавниот центар „Синерџи“ во Одеса.
„Во моментов нема активен напаѓач. Сите агенции истражуваат за евентуални други осомничени лица“, се вели во соопштението на Одделот.
Во објавата на Твитер, американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека за пукањето во Тексас бил информиран од генералниот правобранител Вилијам Бар.
„ФБИ и агенциите за спроведување на законот се целосно ангажирани“, истакна Трамп.
Претходно, полицијата предупреди дека вооружен напаѓач, кој грабнал камион на поштата на САД, се вози низ улиците на градовите Одеса и Мидленд.
„Лицето (можно е и да се двајца) во моментов вози околу Одеса, пукајќи врз случајни минувачи“, се вели во соопштението на полицијата во Одеса.
Во одделно соопштение објавено претходно, Полицискиот оддел во Мидленд соопшти дека веруваат дека станува збор за двајца напаѓачи во две одделни возила.
Сепак, на прашањето за повеќемина напаѓачи, Герке рече: „Има наводи. Можно е, но сè уште нема потврда за тоа.“
Исто така вчера, најмалку 10 тинејџери се повредени во пукање за време на фудбалски натпревар во јужната американска држава Алабама, јавуваат локалните медиуми.
Инцидентите се случија помалку од еден месец по смртоносниот расистички вооружен напад во Ел Пасо, Тексас, во кој загинаа 22 лица, а повредени беа 24. Тоа донесе нови апели за построга контрола на оружјето во Соединетите Американски Држави, каде што има повеќе смртни случаи предизвикани од огнено оружје по глава на жител од која било друга индустријализирана земја.