Sayed Khodaberdi Sadat
01 Септември 2019•Ажурирај: 02 Септември 2019
КАБУЛ (АА) - Во северниот дел на Авганистан, во подрачјето на покраината Кундуз извршен е самоубиствен напад во кој животот го загубија 10 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Насрат Рахими, портпаролот на авганистанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека самоубиствениот напад е извршен на раскрсница во центарот на Кундуз, на која биле насобрани претставници на полицијата.
Рахими информираше дека во нападот животот го загубиле 10 лица, а ранети се 12 лица, меѓу кои се наоѓа и Манзур Естаникзеј, началникот на полицијата на Кундуз.
Очевидци истакнаа дека бомбашот самоубиец влегол меѓу насобраните претставници од полицијата, претставувајќи се себеси како новинар.
- Нападот во градот бил одбиен -
Од друга страна, вчера, во утринските часови, врз центарот на Кундуз милитантите извршиле напад, кој бил одбиен.
По нападот, во Кундуз пристигнал министерот за одбрана, Есадулах Халид, кој информирал дека во нападот животот го загубиле 9 претставници на безбедносните сили.
Министерот Халид надополнил дека во исто време се убиени 36 милитанти и дека нападот бил одбиен.
Државната болница во Кундуз издаде соопштение во кое се наведува дека во судирите се ранети 70 лица.
Во соопштението што го објави талибанската страна се тврди дека со нападот изведен во центарот на Кундуз, воспоставена е контрола врз повеќе места во центарот на градот.
Талибанските милитанти пред четири години извршија напад врз центарот на Кундуз, при што кус период воспоставија контрола врз центарот на градот.