Fuat Kabakcı
26 Март 2021•Ажурирај: 27 Март 2021
АНКАРА - Посетата на индискиот премиер Нарендра Моди на Бангладеш, кој ја одбележува 50-годишнината од својата независност, предизвика реакции во јавноста, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шеик Хасина Вазед, премиерката на Бангладеш, на Меѓународниот аеродром „Хазрат Шах Џалал“ го пречека индискиот премиер Моди, кој дојде во главниот град Дака во дводневна официјална посета.
Моди, кој ќе присуствува во програмата организирана по повод прославата на 50-годишнината од независноста на Бангладеш и 100-годишнината од раѓањето на основачот на земјата, Шеик Муџибур Рахман, таткото на премиерката Шеик Хасина, се очекува да посети и два хиндуистички храма.
Во меѓувреме, Моди на социјалната мрежа Твитер извести за посетата, при што, зборувајќи дека односите меѓу двете земји се од витално значење, истакна „Ќе ги поддржиме напорите за развој на Бангладеш под динамичното лидерство на Хасина.“
- Протести поради посетата на Моди -
Поради тврдењата дека во периодот кога бил премиер на индиската држава Гуџарат во 2002 година, ги охрабрувал судирите меѓу муслиманите и хиндусите, посетата на Моди предизвика реакција кај муслиманите во Бангладеш кои организираа протести низ земјата.
Посетата на Моди е причина за демонстрации во Бангладеш во последните недели, кои продолжија и вчера. На протестите на кои учествуваа приближно 2.000 демонстранти, полицијата интервенира со пластични куршуми. На протестите се повредени околу 40 лица, а 33 демонстранти се приведени.
За време на демонстрациите на кои индискиот премиер беше опишан како „Касапот на Гуџарат“, од Моди е побарано да се врати во својата земја.
Демонстрантите ја критикуваа и премиерката Хасина поради тоа што го поканила нејзиниот индиски колега пред да бидат решени проблемите меѓу двете земји.