Adham Kako
05 Мај 2020•Ажурирај: 05 Мај 2020
АНКАРА (АА) - Режимот на Башар ал Асад тврди дека израелски авиони влегле во сириска територија и извршиле воздушни напади врз некои воени пунктови во пoкраината Алепо, на северот на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Новинската агенција САНА, блиска на режимот на Асад, тврди дека израелските воени авиони синоќа го нападнале Центарот за истражување, што се користи за воени цели во Сифир, југоисточно од Алепо.
Во веста базирана на воени извори се истакнува: „Непријателските борбени авиони стрелаа врз наши воени складишта лоцирани во областа Сифир. Нашите воздушни одбранбени системи се спротивставија на ракетите. Се испитува штетата предизвикана од нападот.“
Исто така се наведува дека воените авиони го извршиле нападот навлегувајќи во воздушниот простор на Сирија.
Во Сифир, каде што се сместени фабрики на Министерството за одбрана, познато е дека покрај режимските сили се наоѓаат и терористичките групи кои се под команда на Иранската револуционерна гарда.
Израелските власти сè уште не дадоа никаква изјава во врска со нападот.
Режимот на Асад тврди дека Израел на 31 март го нападнал источниот дел на Хомс, на 20 април областа Палмира (Тедмур), на 27 април нападнал во близина на главниот град Дамаск и на 1 мај го нападнал јужниот дел на земјата.
Израелскиот министер за одбрана, Нафтали Бенет, во писмената изјава на 28 април рече: „Од стратегијата за спречување на Иран да се насели во Сирија, преминавме на стратегијата со сила да се тргне оттаму и од тоа нема да се откажеме. Нема да дозволиме да се зголемат стратешките закани на нашите граници. Борбата ќе ја водиме во областа на непријателот.“
Израел, од почетокот на Граѓанската војна во 2011 година во Сирија, повремено ги напаѓа групите поддржани од Иран и воените точки на режимот.