Ahmed Asmar
26 Мај 2025•Ажурирај: 27 Мај 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 49 Палестинци се убиени утринава во два израелски воздушни напади насочени кон училиште во кое се сместени раселени лица и дом во градот Газа и Џабалија, северна Газа, јавува Анадолу.
Медицински извор за Анадолу изјави дека бројот на жртви од израелскиот воздушен напад врз училиштето „Фахми ал-Џирџави“, во населбата Ал-Дараџ во градот Газа, се искачил на 30.
По бомбардирањето пожар ги зафатил шаторите, соопштија телевизијата „Ал-Акса“ и други локални извори.
Видеа од очевидци се проширија на интернет, а на нив се гледаат изгорени тела, многу од нив деца, и други како плачат додека пламенот ја голта околината.
„Од местото се гледаа и слушаа изгорени трупови и вресоци на раселените лица зафатени од пламен“, се вели во соопштението.
Во соопштение, израелската Армија го потврди нападот, тврдејќи дека Хамас го претворил засолништето во „команден и контролен центар“, но не достави никакви докази.
Во меѓувреме, во друг смртоносен воздушен напад врз куќа во градот Џабалија, северна Газа, уште 19 лица беа убиени, а други беа повредени, според медицински извор.
Очевидци за Анадолу изјавија дека израелскиот воздушен напад целосно уништил повеќекатна зграда, во која живееле десетици раселени лица.
Израелската Армија, отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, спроведува брутална офанзива против Газа од октомври 2023 година, при што се убиени повеќе од 53.900 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна во енклавата.