Burak Bir
15 Септември 2023•Ажурирај: 17 Септември 2023
ЛОНДОН (АА) - Околу 238 милиони луѓе од 48 земји во светот оваа година се соочени со високи нивоа на акутна несигурност за храна, покажува Глобалниот извештај за криза во храна објавен вчера, јавува Анадолу.
Според податоците до почетокот на август, околу 33,64 милиони луѓе во 36 земји се соочени со „вонредни услови“, додека 128.600 луѓе во четири земји се соочуваат со „состојби на катастрофа“.
Наодите од извештајот укажуваат дека Јужен Судан има најголем удел со 63 отсто, по што следува Јемен (52-55 отсто). Повеќе од 40 отсто од населението во Авганистан, Централноафриканската Република, Хаити и Судан се наоѓа во класификациска фаза 3 или повисоко во Интегрираната фаза за сигурност во храна.
„Во овие 48 земји, дополнителни 21,6 милиони луѓе се соочуваат со високи нивоа на акутна несигурност во храна отколку во 2022 година (раст од 10 отсто), со што бројката се искачи на 238 милиони“, се наведува во извештајот.
Бројките открија дека 27,2 милиони деца на возраст под пет години во 21 земја се погодени од изнемоштеност поради кризата за храна, додека околу 6,3 милиони бремени жени и доилки се погодени од акутна неисхранетост во 15 земји каде што има криза во храна.
Укажувајќи на тоа дека вкупниот број луѓе што се соочуваат со високи нивоа на акутна несигурност во храна оваа година најверојатно ќе се зголеми поради јазот во податоците, во извештајот се наведува дека тоа е загрижувачко бидејќи нема достапни податоци за 25 земји или територии, од кои 10 имале податоци во 2022 година, со околу 41 милион луѓе што се соочуваат со високи нивоа на акутна несигурност за храна.
Тоа се земји со едни од најголемите кризи за храна, како Мјанмар, Сирија и Украина.
Во однос на двигателите на несигурноста во храна во 2023 година се споменуваат конфликтите, економските шокови и екстремните временски случувања.
Цитирајќи ја Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), истражувањето вели дека цените на храната остануваат на историски високи нивоа и покрај трендот на опаѓање по достигнувањето на врвот во март 2022 година со почетокот на војната во Украина.
„Војната во Украина и понатаму создава несигурност на глобалните пазари на храна“, се наведува во извештајот и се додава дека пробивањето на браната Каховка во јуни оваа година и прекинот на Црноморската иницијатива за жито во јули се двете главни причини поврзани со конфликти.
Истакнувајќи дека Договорот помогнал да се ублажат некои од растечките притисоци врз глобалните цени на храната откако беше потпишан во јули 2022 година, извештајот наведува дека иако непосредниот ефект од раскинувањето на договорот врз меѓународните цени на храната е занемарлив „останува нејасно какво ќе биде долгорочното влијание“.
Русија одби да го продолжи Договорот за жито во јули велејќи дека Западот не ги исполнил своите обврски и дека и понатаму има ограничувања за рускиот извоз на храна и ѓубрива. Москва особено ги критикуваше ограничувањата во плаќањата, логистиката и осигурувањето.
Црноморскиот Договор за жито беше посредуван од Обединетите нации и Туркије минатата година и ѝ овозможи на Украина да извезува жито преку Црно Море и да ги намали светските цени на храната.