Ahmet Dursun
29 Април 2020•Ажурирај: 30 Април 2020
ТЕХЕРАН
Иранскиот претседател Хасан Рохани порача дека Американците треба да знаат дека Персискиот Залив не е ниту на Њујорк ниту на Вашингтон, јавува Агенција Анадолија (АА).
Рохани на седницата на Кабинетот во Техеран ги коментираше актуелните тензии во Персискиот Залив кои ескалираа откако американските и иранските власти наредија со своите сили да ги нападнат непријателските бродови во случаи ако им претставуваат закана.
„Персискиот Залив му припаѓа на иранскиот народ и неговото име секогаш ќе биде Персиски Залив. Американците треба да знаат дека тој залив не е ниту на Њујорк ниту на Вашингтон“, порача Рохани.
Рохани понатаму изјави дека Американците се свесни дека иранскиот народ успешно го брани Персискиот Залив.
„Нашите оружени сили секогаш го контролираа Персискиот Залив и тоа и понатаму ќе го прават“, порача иранскиот претседател Рохани.
Рохани на седницата на Кабинетот во Техеран се осврна и на пандемијата на Ковид-19 која усмрти речиси 6.000 лица во Иран и изјави дека во последните недели Иран бележи подобрување на епидемиолошката слика, но дека никој не знае кога ќе исчезне коронавирусот.
„Мораме да се фокусираме на работата, науката и знаењето и на народот да му влееме надеж, бидејќи никој во светот не знае кога ќе биде завршена оваа пандемија“, порача Рохани, и најави дека мерките воведени за време на борбата против Ковид-19 во Иран постепено ќе се укинуваат.
Истакнувајќи дека треба да се придржуваме на сите здравствени препораки, Рохани изјави дека работата и производството се неминовни заедно со мерките во борбата против ширењето на вирусот.
„И понатаму останете во домовите колку што можете повеќе, а кога излегувате по потреба, брзо вратете се во своите домови“, порача Рохани.