Ali Cura
06 Јуни 2022•Ажурирај: 07 Јуни 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков, изјави дека руските сили уништиле 190 украински воени авиони од почетокот на војната во Украина, како и 129 хеликоптери, 3.424 тенкови и оклопни возила, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој истакна дека руското воено воздухопловство изминатиот ден ги погодило објектите во кои украинската Армија ги поправаше оклопните возила во околината на населбата Лозоваја во областа Харков, со ракети со голема прецизност со долг дострел лансирани од воздух.
Конашенков исто така рече дека руските сили во изминатиот ден уништиле четири командни пунктови и 15 воени локации на украинската Армија.
„Извршени се напади на 73 воени области во кои беа неутрализирани повеќе од 150 украински националистички сили. Радарскиот систем AN/TPQ-50 од американско производство беше погоден и во регионот на Доњецк“, рече тој.
Конашенков изјави и дека борбениот авион МиГ-29 на украинските воздухопловни сили бил соборен во близина на населбата Славјанск во областа Доњецк, а уште 13 украински беспилотни летала се уништени на различни места во регионите Харков, Луганск и Доњецк.
Според неговиот извештај, руската артилерија извршила напади и врз 431 воена цел, а во тие напади биле неутрализирани повеќе од 300 украински војници.
„Досега во Украина се уништени 190 авиони, 129 хеликоптери, 1.127 беспилотни летала, 330 ракетни системи за воздушна одбрана, 3.424 тенкови и оклопни возила, 473 повеќецевни ракетни фрлачи, 1.795 хаубици и четири украински воени минофрлачи“, рече Конашенков.