Elena Teslova
20 Октомври 2022•Ажурирај: 24 Октомври 2022
МОСКВА (АА) - Воената обука на Европската Унија (ЕУ) за украинските сили и испораката на оружје за Киев ја прави страна во конфликтот, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, јавува Агенција Анадолија (AA).
На прес-конференција во Москва, Захарова ја критикуваше одлуката на ЕУ за обезбедување воена помош за Украина.
„За овој потфат се издвоени речиси 107 милиони евра. Овој чекор, заедно со снабдувањето на режимот во Киев со смртоносно оружје, квалитативно го зголемува ангажманот на Европската Унија, што ја прави, се разбира, страна во конфликтот“, рече таа.
Советот на ЕУ во понеделникот се согласи да формира мисија за воена помош за поддршка на Украинските вооружени сили.
Според високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, мисијата ќе започне со работа во ноември.
Захарова предупреди дека воената поддршка на НАТО за Украина ги приближува земјите членки до „опасната линија на директен воен конфликт со Русија“.
„Земјите на НАТО како да се натпреваруваат едни со други, продолжуваат да го пумпаат режимот во Киев со оружје и муниција, го снабдуваат со разузнавачки информации, ги обучуваат војниците на режимот во Киев и даваат насоки за водење на непријателствата, со што се приближуваат до опасната линија на директен воен конфликт со Русија“, рече таа.
Таа тврди дека секој месец на црниот пазар се појавува западно оружје во вредност од околу милијарда долари, кое се доставува во Украина.
„Месечниот промет со шверц на овој црн пазар е повеќе од една милијарда долари. Воената помош на НАТО наменета за режимот во Киев завршува во рацете на терористите, екстремистите и криминалните групи на Блискиот Исток, Централна Африка и Југоисточна Азија“, рече таа.