Emre Gürkan Abay
25 Септември 2019•Ажурирај: 26 Септември 2019
МОСКВА (АА) - Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, најави продолжување на воено-техничката соработка меѓу Русија и Венецуела, и рече дека според планот напредува воспоставувањето на центри во Венецуела за сервисирање и набавка на резервни делови за руската воена опрема, јавува Anadolu Agency (AA).
Путин денеска во Кремљ го прими венецуелскиот претседател Николас Мадуро, а во текот на отворениот дел од средбата најави продолжување на билатералната воено-техничка соработка.
„Русија во Венецуела ги поддржува сите легитимни мерки. Исто така, ги поддржуваме и преговорите кои ги води венецуелската Влада со опозицијата. Нелогично е што тие преговори се одбиваат и сметаме дека тоа е практика штетна за државата и за народот на Венецуела“, рече Путин.
Истакнувајќи дека во изминатите неколку месеци билатералната трговска размена е зголемена за 10 отсто, Путин рече дека тоа е важно со оглед на надворешните притисоци со кои се соочува Венецуела.
„Нашата соработка можеме да ја третираме и со хуманитарна соработка. Русија досега има вложено 4 милијарди долари во економијата на Венецуела“, рече Путин, и додаде дека соработката се одвива на различни полиња, вклучувајќи ја и енергетиката.
Претседателот на венецуелската Влада, Николас Мадуро, на приемот во Кремљ истакна дека му е чест и задоволство што престојува во посета на Москва.
Мадуро рече дека денешната средба е важна можност да се согледа актуелната ситуација и да се направи план за соработка за наредниот период.