Elena Teslova
02 Април 2026•Ажурирај: 03 Април 2026
МОСКВА (АА) – Русија и Украина работат на подготовка на нова размена на воени заробеници, со надеж дека таа ќе се реализира пред православниот Велигден, кој во двете земји се одбележува на 12 април, изјави денес руската комесарка за човекови права, јавува Анадолу.
„Денес се вложуваат големи напори за подготовка на размена на заробеници пред Велигден“, изјави Татјана Москалкова на прес-конференцијата во Москва.
Таа истакна дека Москва се стреми да постигне договор со украинската страна пред празникот, додавајќи дека Русија сака „да направи сè што е можно воените заробеници, исто така, да го прослават овој празник“.
„Воените заробеници се православни. И во Русија и во Украина заробениците ќе добијат велигденски колачи и можност да се сретнат со свештеник“, додаде Москалкова.
И шефот на Кабинетот на украинскиот претседател, Кирило Буданов, на 27 март изјави дека Киев се надева на нова размена на воени заробеници со Русија.
„Преговорите се во тек и ќе има нови размени. Се надевам дека сите ќе бидеме сведоци на голема размена пред Велигден. Ќе направиме сè што е потребно за тоа“, рече Буданов.
Католичките и протестантските христијани годинава го одбележуваат Велигден на 5 април, а православните христијани во Русија и Украина празникот го слават една недела подоцна, на 12 април, поради разлика во календарите.“
Православната црква го користи јулијанскиот календар, а западните цркви се водат според грегоријанскиот календар, што често резултира со подоцнежно одбележување на Божиќ и Велигден кај православните христијани.